Трифун Костовски со порака до Муареми: Aко го повикате Спасовски на распит, ќе ви верувам на професионалноста

Бизнисменот Трифун Костовски кој е најголем акционер во Еуростандард банка која е во стечај  во отворено писмо го повикува директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми да има  професионален пристап, бидејќи, како што вели,  обвинението за истрага по стечајот на Еуростандард банка покренато од Јавното обвинителство, во најмала мера е смешно, дека е виртуелно и лажно ја креира вистината со единствена цел да бидат задоволени сензационалистичките апетити на јавноста.

Тој бара од директорот на финасиската полиција да го повика на распит последниот технички премиер Оливер Спасовски за кој смета дека ја укинал Уредбата за забрана на покренување на стечај, веднаш по завршувањето на вонредната состојба  на крајот на мај, за да овозможи Еуростандард банка да оди во стечај.

Костовски се повикува на изјава на Муареми за Слободна Европа од 14.02.2021, во кое за случајот со Еуростандард банка тој навестува излез од тунелот.

„Најодговорно тврдам дека патот по кој сте тргнале да го откриете криминалот во Еуростандард банка е ќор-сокак, доколку и вие како институција учествувавте во креирањето на обвинителниот акт за истрага од страна на Јавното обвинителство. Ваквиот мој став го темелам врз база на обвинението со кое Јавното обвинителство покрена истрага – наједноставно кажано, обвинението претставува фрлање прав во очите на акционерите и голема невистина за целата јавност“ пишува Костовски.

Костовски тврди дека институции на системот кои треба да го гонат организираниот криминал се ставени под диригентската палка на Владата и ресорните министри, вклучително и првиот ешалон на Народна банка.

„Дали воопшто вие како институција го следите работењето на Народна банка и дали откривате девијантни процеси во нејзе или пак ја сметате Народна банка како недопирлива и навидум изгледа дека се во Македонија е криминогено, а само Народна банка е најсветол пример за чесна и професионална институција? За вака изразениот мој јавен став слободно можете да ме гоните. Барам од вас професионален пристап, бидејќи обвинението за истрага по повод стечајот на Еуростандард банка е во најмала мера смешно“, констатира Костовски.

За ваквото свое тврдење, Костовски се повикува на обвинението кои, како што вели го имал на увид.

„Изнесените факти во обвинението се за мене непознаница – не знам за нив ниту 0,1%. Станува збор за виртуелно, лажно креирање на вистината со цел да сензационалистичките апетити на јавноста бидат задоволени! Ве молам, по четврти пат го повикувам вашиот претпоставен, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да одговори на прашањето зошто како премиер на Техничката Влада, носи уредба со сила на закон објавена во Службен весни на 24 март 2020 година, во која децидно се вели: нема покренување на стечај на кој било правен субјект минимум три месеци по завршувањето на вонредната состојба. Зошто истата Техничка Влада, во истиот состав носи нова уредба со сила на закон, објавена во Службен весник на 29 мај 2020 година со која се поништува претходната уредба од 24 март 2020 година и која дозволува покренување на стечај веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Единствен правен субјект кој отиде во стечај беше Еуростандард банка“, појаснува Костовски.

Тој додава:

– Господине Муареми, би верувал во вашата професионалност, доколку го повикате вашиот актуелен претпоставен на распит, точно по двете уредби на Техничката Влада кои директно се повзани со стечајот на Еуростандард банка. Вие сами одлучете господине Муареми. Стојам на располагање за секаков ваш интерес по повод стечајот на Еуростандард банка.Сето ова го барам од причина што должни сме да  најдеме каде завршиле парите кои се украдени од Еуростандард банка. Само така ќе ја добиете мојата подршка и почит.