ВМРО-ДПМНЕ бара итно да се фатат тепачите на академик Чашуле

ВМРО-ДПМНЕ го осуди нападот врз академик Илија Чашуле и побара веднаш да се најдат извршителите.

– Не сакам ни да помислам дека е вистина, но сите факти укажуваат на истото, а тоа е дека ова можеби е порака од власта до господинот Чашуле поради она дека МАНУ одби да ја внесе Северна во својата институција. Затоа сакам најостро да ги осудам нападите врз господинот Илија Чашуле, сторителите веднаш да бидат најдени. Бидејќи ако отсекаде се говори и се слуша дека оваа порака му е пратена од власта, многу лесно власта ќе може да ги најде сторителите и веднаш тие да се најдат зад решетки. Доволно е самоволие, доволно е сеење страв и доволно е тепање на луѓе низ улиците, особено на вакви еминентни лица од општеството и државата како господинот Илија Чашуле – рече Арсовски одговарајчи на новинарско прашање за вчерашниот напад врз академик Илија Чашуле.

Тој побара Оливер Спасовски и Зоран Заев да си поднесат оставки како морален чин на одговорност.

– Од она кое што може да се види низ медиумите, вклучително и изминатиот период, еминентни лица од општеството се брутално тепани, малтретирани, да не речам масакрирани физички низ улиците во Скопје и во останатите градови. И тоа трае неколку години, а тоа е затоа што постои неказнивост од институциите, вклучително Оливер Спасовски не си ја работи својата работа – додаде Арсовски.

Според него, неказнивоста ги стимулира луѓето да вршат напади, а еминентни личности да бидат предмет на напад.