Времено затворен граничниот премин Евзони

Воведување временско ограничување за влез на камиони од Евзони, меѓу 7 и 19 часот, како и целосниот недостаток на организација во процесот на спроведување на брзите тестови од екипите на Националната организација за јавно здравје на Грција, на сите што влегуваат во земјата, предизвика „хаос“ и огромни доцнења, а редиците на камиони кои чекаат достигнува и до десет километри, велат од Федерацијата на грчките камионџии, во соопштението во кое ги повикуваат транспортерите на протест на граничниот премин Евзони, закажан за 7 часот утрово по локално време, јави дописничката на МИА од Атина.

Транспортерите, кои уште во понеделникот најавија дека ако не се исполнат нивните барања, подготвени се да се мобилизираат и да го блокираат граничниот премин од грчка страна, истакнуваат дека ситуацијата на „една од главните копнени порти за влез во земјата веќе четири дена е исклучително тешка“ и се создадени големи проблеми во протокот на стоки и во грчкиот извоз.

– Возилата што пренесуваат медицинска опрема, лесно расиплива, како и секаков вид на стока, се принудени да чекаат и до 12 часа за да влезат во Грција, поради неможноста на државата да преземе соодветни мерки за ограничување на ширењето на коронавирусот без да се спречува нормалното функционирање на синџирот на снабдување – велат од Федерацијата во соопштението за денешниот протест.

Грчките камионџии реагираат на новите мерки за копнените граници воведени во понеделникот, преку писмо до Министерството за транспорт и врски и Министерството за развој на Грција, бараат граничните Евзони и Какавиа, за транспортерите, да бидат отворени 24 часа и да има дополнителен персонал од Националната организација за јавно здравје кои ги вршат брзите тестови, за да се забрза целата процедура.