Хакери пробиле 150 илјади надзорни камери на „Verkada“

Група хакери тврдат дека добиле неволастен пристап до 150.000 камери за видео надзор на компанијата „Verkada“, инсталирани во болници, полициски станици, затвори, училишта и разни компании во повеќе земји, пренесе агенцијата Bloomberg News.

Според податоците на агенцијата, компанијата „Verkada“, којашто е основана во 2016 година, се занимава со продажба на камери за видео надзор на објекти коишто клиентите можат да ги контролираат преку интернет.

Хакерите, наводно, ја преземале контролата врз надзорните камери инсталирани во компаниите „Tesla“ и „Cloudflare“, во клиники за жени, во психијатриски болници, како и во канцеларите на самата компанија производител на камерите „Verkada“. Хакерите, како што се наведува во написот на Bloomberg, сега тврдат дека покрај пристапот до каналите за емитување во живо од камерите, исто така, добиле пристап и до целосната архива со видеата од сите клиенти на компанијата.

Во една од снимките од хакираните камери, кои се во посед на Bloomberg News, биле снимени активности во болницата „Halifax Health“ на Флорида, на друга било складиште на „Tesla“ во Шангај, а на трета канцеларии на „Cloudflare“ во САД и во Велика Британија.

Истовремено, извесен Тили Котман, кој тврди дека учествувал во хакирањето, за агенцијата изјавил дека меѓународната група хакери ја преземала оваа акција со цел да ја демонстрира сеприсутноста на видео-надзорот во животот на луѓето, како и леснотијата таквите системи да бидат хакирани, односно да се дојде до неовластено поседување на тие снимки. Според него, хакерите добиле пристап до систеот на „Verkada“ преку акаунтот „супер администратор“, што им овозможило да ги гледаат камерите на сите клиенти на компанија. Притоа, тие на интернет ги нашле и прилозите за најавување и лозинките за посебните акаунти.

Котман рекол дека откако од Bloomberg ја контактирале „Verkada“ за коментар во врска со инцидентот, хакерите го изгубиле пристапот до видеата и архивите. Агенцијата наведува дека добила потврда дека во „Verkada“ во моментов се истражуваат околностите на инцидентот и ги информираат своите клиенти за тоа.