
Софија Лаличиќ, судијката која јавноста ја запозна преку т.н. „бомбите“, е разрешна од функцијата со одлука на Судски совет.
Одлуката е донесена со 11 гласа „за“ и двајца „против“. Согласно прописите, претседателот на Советот, Киро Здравев не го потврди името, но вели дека има одлука за разрешување на судија на денешната седница.
Повеќе детали за одлуката се очекуваат од најавеното соопштение од Советот. Името на судијката Лаличиќ беше споменато во една од „бомбите“ коишто ги објави тогаш опозициската СДСМ. А, гласот на судијката Лаличиќ се слушна во разговор со екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, а кој што потоа произлезе и терминот „сваровски судство“. Името на Лаличиќ се најде и во посебниот извештај што во септември 2018 Специјалното јавно обвинителство го достави со Собранието со листа на судии кои според, сознанијата на СЈО, вршеле политички нарачки. За Лаличиќ во извештајот беше наведено дека нејзиниот избор за судија кривичар на само 28 години, што ја направи најмлад избран судија, бил незаконски и со помош токму на Мијалков. Функцијата, според извештајот на СЈО, ја злоупотребувала пренесувајќи информации од судот до високи функционери.
„Задоволување на приватни интереси и интереси на нејзини блиски луѓе, споделување информации до кои дошла при вршење на функцијата за цели кои не биле поврзани со судиските должности, запознавање на трети лица со внатрешните состојби и односи во судот, недостоинствено однесување во личните и социјални односи и дозволување истите да влијаат на несоодветен начин во нејзиното однесување при вршење на функцијата се само дел од начините на кои била користена моќта која ја носи судиската функција,“ беше наведено во извештајот на СЈО за судијката Лаличиќ. Инаку, таа е веќе 12 судија разрешен во изминатиот период.
-Министерот за правда, Бојан Маричиќ пред неколку дена информираше дека досега се донесени одлуки за 11 други судии.
Меѓу досега разрешението судии се најдени и поранешната претседателка на Врховен суд, Лидија Неделкова и нејзиниот наследник на оваа функција, Јово Вангеловски.