
Американските власти размислуваат за намалување на претходно препорачаната социјална дистанца воведена за да се спречи ширењето на Ковид-19 од два на еден метар, што би го олеснило повторното отворање на училиштата, изјави во неделата водечкиот американски имунолог Ентони Фаучи.
„Здравствените власти имаат сè повеќе податоци на дневна основа и се чини дека во одредени околности, еден метар оддалеченост би бил доволен“, изјави советникот за пандемија во Белата куќа.
„Овие податоци се анализираат и ве уверувам дека во разумен рок здравствените власти ќе дадат препораки во согласност со информациите со кои располагаат“, изјави Фаучи за CNN.
Медицинскиот центар Beth Israel Deaconess при Универзитетот Харвард во четвртокот ги објави резултатите од студијата спроведена на 251 училиште во Масачусетс. Во некои од нив, учениците почитуваа минимално растојание од еден метар едни од други, а во други се применува правилото за растојание од два метра.
Резултатите покажаа дека нема значителни разлики во бројот на нови случаи на заразеност забележани помеѓу двата типа на установи во кои беа забележани различни ограничувачки мерки, под услов сите да треба да носат заштитни маски.
Во писмо до локалните власти во февруари, претставниците на државата Њујорк, Томас Путнам и Марк Елеџ предупредуваат дека „најголемата пречка за целосно отворање на училиштата е обврската да се оддалечат два метра, со оглед на тоа што нема доволно простор или персонал во училиштата“.
Една година по затворањето на училиштата, нивното повторно отворање варира многу меѓу различните држави во САД, како и меѓу јавните, приватните и верските училишта. Во Њујорк, најголемата училишна област во земјата, училиштата почнаа постепено да се отвораат во декември.
Центрите за контрола и превенција на болести на САД (CDC), водечката федерална агенција за здравство, е посветена на продолжување на наставата во училница за 55 милиони ученици во јавните училишта и смета дека враќањето во училиште не треба да биде условено со вакцинирање на наставници.
Скоро 69 милиони Американци досега примиле една или двете дози на вакцина против COVID-19, што е 26,6 проценти од возрасната популација во САД.