
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 8-ми до 14-ти март 2021 година, тестирани се вкупно 22.625 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 7,3 отсто во однос на седмица претходно, а притоа регистрирани сe 5.456 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 22,2 пороцентт во однос на претходниот седумдневен период.
Пријавени се 129 смртни случаи од 21 град, што е за 2,3 пати повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 110 лицa биле над 60 години, 17 лица на возраст од 50-59 години и две лица од возрасната група 40-49 години.
Најголем дел од регистрираните случаи на нови зарази се од Скопје (n=2.708; 49,6%), со неделна инциденца – 438,4/100.000. Највисока неделна инциденца од 809,6/100.000 е регистрирана во Демир Капија.
Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 19,4 до 27,4%, или во просек 23,9%, идентично како минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.434, 26,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=1.064; 19,5%), 40-49 (n=977; 17,9%), 50-59 (n=916; 16,8%) и 20-29 (n=698; 12,8%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=116; 2,1%) и 10-19 години (n=251; 4,6%).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.737 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 29,7% во споредба со минатата недела.
На 17.02.2021 почна вакцинацијата против КОВИД19, а заклучно со 15.03.2021 вкупно се вакцинирани 5.061 здравствени работници.