Премиерот Зоран Заев потврди дека лично се јавил на полициска службеничка претходно седмицава на граничниот премин Деве Баир да бидат пропуштени пет возила во време на полициски час, по што може да се детектира како одела оваа ургенција, но Заев истовремено не даде одговор за кого лично ургирал.
Претходно во медиумите беше објавена службена белешка во којашто се наведува дека на 14.03.2021 во 01:00 часот, на граничниот премин „Деве Баир“ се пуштени за влез во Македонија пет патнички возила. Според информациите, службениците имаат пријавено дека биле исконтактирани лично од премиерот Зоран Заев дека на тие возила, со патниците меѓу кои имало и деца, треба да им се дозволи влез во земјата.
„Јас лично ѝ се јавив на полициската службеничка Виолета со прекрасен глас, не ја познавам, откако после полноќ ми се јави наш државјанин од турска националност, бидејќи таква е одлуката на Владата“, рече премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев потврдувајќи ги обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека тој се јавил на Граничниот премин Деве Баир да бидат пропуштени пет возила во 1 часот по полноќ, за време на полициски час.
Според Заев возилата наводно веќе биле влезени на територијата на земјата и не можеле да мрднат, биле со деца, па преку граѓанинот кој му се јавил се слушнал со полициската службеничка да им биде одобрено да бидат пропуштени откако се исконсултирал за одлуката на Владата дали овие возила треба да се пропуштаат за време на полициски час.
На социјалните мрежи, очигледно од лица кои се запознаени со функционерањето на СДСМ особено во општината под која потпаѓа овој граничен премин, беше објавено дека госпоѓата полициска службеничка Виолета е наводно мајка на извесен Дарко А, активист на СДСМ и поранешен советник во општината, кој во меѓувреме бил вработен како инспектор во Министерството за внатрешни работи но и натаму продолжил да присуствува на седниците на Советот.
Заев, сепак, не откри за која личност во придружба на пет возила телефонски ургирал дури во 1 часот по полноќ. Министерството за внатрешни работи, пак, трет ден молчи и не дава одговор на поставените прашања.
Сомнежите се зголемуваат и откако Владата во вторникот во соопштение за јавноста појасни дека „секој граѓанин затекнат на граница после 22:00 часот има право да стигне до својот дом и никој не смее да не го обезбеди или да го попречува тоа право. Оттаму нашите гранични служби мора да ги пропуштат сите патници, државјани на Северна Македонија, кои ќе се затекнат на некој од копнените гранични премини по 22:00 часот, без да има потреба од какви било укажувања“.
Имено, доколку според прописите правото секој граѓанин да стасат до својот дом не е спорно, но останува нејасно зошто и при ваква донесена одлука од Владата, премиерот Заев морал да се јавува и лично да ургира.