
Основното јавно обвинителство определи мерка притвор за мајката на 7-годишното дете кое вчера настрада во пожар на зграда во Гостивар, наведено е во соопштението од ОЈО. Таму е посочено дека за наведеното кривично дело во Кривичниот законик е предвидена затворска казна од најмалку 5 години.
„Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Повреда на семејни обврски, предвидено и казниво согласно член 203 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничената, во текот на 2021 година, со груба повреда на своите законски семејни обврски го малтретирала своето дете на возраст од 7 години, кое го врзувала со ланец и катанец за креветот. На 16 март, во станот во кој престојувало семејството избувнал пожар, a затоа што било врзано за креветот детето не успеало да го напушти домот и го загубило животот. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави и предлог за определување мерка притвор за 36-годишната осомничена. За наведеното кривично дело во Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Во меѓувреме, се уште се работи на утврдување на причините за пожарот. Останатите малолетни деца на осомничената се згрижени преку Центарот за социјална работа во Гостивар“, се вели во соопштението на ОЈО.