
Во неделното интервју за Радио слободна Европа претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска вели дека договорот со италијанската фирма „Леонардо“ за набавка на радарски системи останал ист и пред во него да се вклучи поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, но сомнително е доцнењето со исплатата на траншите за кои државата плаќа високи камати.
За предметот „Леонардо“ Ивановска вели дека се работи за комплексен и обемен предмет.
– Ние го отворивме и од аспект на јавната набавка, на целата постапка за избор на „Леонардо“ како оператор од кој што требаше да се набави таа опрема, и тој е малку пообемен процес, и тој процес е завршен. Е сега вториот дел е кога Рашковски се вклучува и зошто се вклучува и зошто се одолговлекува времето на склучување на договорот, иако се склучува ист договор како и претходно што се сакало да се склучи, ни остануваат уште ситни детали, околу пет до десет проценти за целосна обработка на предметот, меѓутоа и тоа брзо ќе се заврши и ќе ги објавиме резултатите од тој предмет – вели Ивановска.
На прашањето какви се сомнежите за овој предмет, претседателката на ДКСК одговара дека се сомнителни траншите за кои се плаќаат високи камати.
– Договорот останал ист, дали имало желба да се промени нешто не знам, на писмено врз основа на документи тоа не сме го виделе, освен што времето за повлекување на траншите е надминато а за надминување на времето, за ненавремено плаќање на траншите се плаќаат високи камати од страна на државата – вели во интервјуто за РСЕ Ивановска.