
Позитивни се 30 проценти од тестираните во текот на изминатото деноноќие, а имаме дури 30 мртви за 24 часа, изјави Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Полицискиот час не дава резултати, потребни се протоколи, смета Андоновска, но и систем што ќе функционира.
Според опозициската партија, власта задоцнила со сите мерки.
– Сега имаме протоколи што не се почитуваат, институциите се полни, нема систем. Граѓаните се тие што ја плаќаат цената. Владата и Филипче немаат план и тоа е загрижувачки и алармантно – оцени Андоновска.
Според неа, вакцинацијата, која досега требаше да биде во напредна фаза, не е ниту почната за оние што сакаат да бидат вакцинирани.
– Филипче најавуваше вакцинација во февруари, сега сме крај на март, а вакцини нема. И сето ова ни се случува додека во регионот и светот масовно се вакцинира и додека сѐ им бега од контрола. Заразата се шири, единствено што им е во главата е политикантство, наместо да се грижат како да излеземе од оваа здравствена голгота, тие туркаат попис, кој ќе значи катастрофални бројки на заразени. Ваквите бројки ја прават државата рекордер по број на мртви и на последно место по ефикасноста во справување со заразата – рече Андоновска.
ВМРО-ДПМНЕ и денеска побара оставка од министерот за здравство, Венко Филипче.