Владата на вчерашната седница не расправала за нови мерки за справување со ширењето на коронавирусот

Владата на вчерашната седница не расправала за нови мерки за справување со ширењето на коронавирусот имајќи го предвид новиот трет бран и зголемување на бројот на заболени.

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски на прес-конфереција одговарајќи на новинарско прашање рече дека доколку има нови предлози од Комисијата, Владата ќе ги разгледа и оти јавноста ќе биде информирана за одлуките.

Арсовски повтори дека во понеделникот бил продолжен полицискиот час до 6 април, дека се следи епидемиолошката ситуација и оти министерот за здравство Венко Филипче рекол дека не се исклучува заострување на мерките, како и дека нема недостиг на болнички капацитети.

Во однос на непочитување на мерките за заштита од Covid-19 од страна на функционери, одговарајќи на новинарско прашање портпаролот апелираше мерките да се почитуваат потенцирајќи дека „никој не е над правдата“.