МОН најави во април почеток на обуката за образовни асистенти

Во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во месец април ќе почне обука на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти кои ќе бидат селектирани, а ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици, соопшти Министерството за здравство.

Согласно новиот Закон за основно образование, посебните училишта, односно училиштата во кои се воспитуваат и образуваат ученици со попреченост стануваат Ресурсни центри, а министерката Мила Царовска посочи дека со тоа ќе се овозможи мобилност на веќе постоечкиот искусен кадар кој ќе дава поддршка на инклузираните ученици како и на инклузивните тимови во редовните училишта.

-Обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН, рече министерката Царовска.

Во насока на унапредување на процесот на инклузија, во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 12 образовни институции низ државата – 4 основни училишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – EU for inclusion за кој е подготвена техничката документација (проекти за адаптација) и очекуваме градежните активности да започнат во јуни/јули 2021.

Во рамки на ИПА проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, доделени се и 287 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование и тоа за прво и второ одделение.

Oваа година се зголеми и бројот на стипендии преку МОН предвидени за учениците со посебни потреби од јавните и приватните средни училишта, односно доделени се 100 стипендии за ученици со посебни потреби за учебната 2020/2021 година.