Се договорија власта и опозицијата за антикризните мерки

Власта и опозицијата се договорија да ги гласаат законите од антикризните мерки. На вонредната координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери договорено е од седницата која беше спорна да се извадат сите закони, освен оние кои се однесуваат на петтиот пакет мерки.

Дневниот ред ќе биде потврден денеска, а потоа веднаш ќе работи комисијата за финансирање и буџет. Пратениците денеска ќе продолжат со пратенички прашања, а од кои се откажаа избраниците од власта. Со ова практично постојната седница се претвора во ковид седница.

– Дијалогот вроди со плод. Барам пратениците од власат да го поддржат предлогот кој го бараме неколку дена, односно на дневен ред да бидат четирите точки за кој имаме договор – рече координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.

Џафери рече дека дијалогот треба да биде во Собранието и добро е што е така и дека процедурите се одлука на пленумот.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митровски рече дека работа на опозицијата е дали ќе ги повлече другите точки од дневниот ред.

– И благодарам на опозицијата што победи разумот и се вратија во салата за да ги изгласаме законите кои се битни за граѓаните – рече Митровски.

Пратениците го изгласаа предложениот дневен ред на барање на опозицијата и останаа само законите за антикризните мерки.