Изрекетирани се над 20 милиони евра на чело со Заев

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, тврди дека се изрекетирани над 20 милиони евра од повеќе бизнисмени во случајот поврзан со Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски- Боки 13-ка.

Запрашан за коментар околу поврзаноста на министерката за образование Мила Царовска и Меѓународниот сојуз на Боки 13, Николовски одговори дека тоа се „истите бандити и истата криминална шема каде што на врвот е лично Зоран Заев“.

– Исти бандити, тоа сме го зборувале, а ова е само едно јасно произлегување во јавност на детали коишто беа познати во јавноста. Јас сум со Зоран Заев на суд, ме тужи за клевета затоа што кажав уште во август 2019 година за ова што сега го гледа целокупната македонска јавност, така што за брзо време таму ќе имате можност да видите и докази кои што ќе ги презентирам. Значи, целиот криминал и таа криминална шема каде што на врвот е лично Зоран Заев и каде што се изрекетирани повеќе бизнисмени и сумата надминува некаде над 20 милиони евра се открива низ македонските институции. За жал, тие институции се заробени и се под притисок, но пополека излегува вистината на виделина, а после промената на власта која што ќе се случи оваа есен ќе бидат целосно расветлени и ќе одговараат сите кои се дел од овие криминални шеми – рече Николоски.