Талибаните може да ја преземат контролата над Авганистан за три години

Радикалното исламистичко движење Талибан може да ја преземе власта во Авганистан во рок од две до три години откако американските трупи ќе ја напуштат оваа земја, оцениле американските разузнавачки служби во извештајот за претседателот Џо Бајден, пишува во петокот весникот The New York Times.

Како што се наведува во написот, разузнавачите ја информирале администрацијата во Вашингтон дека доколку американските војски го напуштат Авганистан без да биде постигнат договор меѓу талибаните и владата во Кабул, голем дел од земјата ќе падне под контрола на движењето за две до три години. Тоа, пак, како што стравуваат во САД, потенцијално ќе ѝ даде можноста на терористичката мрежа Ал Каеда да закрепне во Авганистан.

Какпо што натаму пишува The New York Times, ваквата процена била подготвена минатата година, уште додека на должноста беше поранешниот американски претседател Доналд Трамп, но не била обелоденета. Притоа се наведува дека некои претставници од администрацијата на сегашниот претседател Џо Бајден се скептични во врска со какви и да се разузнавачки прогнози за можно заживување на Ал Каеда или на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, бидејќи движењето Талибан е спротиставено на втората џихадистичка групација, додека за свое реорганизирање Ал Каеда „може да избере други региони во светот“.

На 29-ти февраури минатата 2020 година претходната американска администрација и талибаните во катарска Доха потпишаа мировен договор, според кој САД и коалицијата предводена од нив ќе ги повлечат своите трупи од Авганистан во рок од 14 месеци. Талибаните со овој договор гарантираат дека нема да ја користат авганистанската територија за активности кои претставуваат закана за Соединетите држави и сојузниците.

Но новиот американски претседател Џо Бајден на првата прес-конференција на оваа должноста рече дека на Вашингтон ќе му биде тешко од „тактички причини“ да ги повлече војниците од Авганистан до 1-ви мај, како што е предвидено со договорот од Катар, но оти не се планира тие да остнат во земјата до следната година. Оваа седмица талибаните ја истакнаа својата посветеност на договорот и ги повикаа САД да не го нарушуваат. Во спротивно, како што предупредија, американската страна ќе биде виновна за продолжување на војната во Авганистан.

Разговорите меѓу талибаните и авганистанската влада, кои започнаа во Доха веднаш по договорот за повлекувањето на американските трупи, досега не доведоа до изработка на агенда за реални мировни преговори и западнаа во ќорсокак.

Во авганистанската војна којашто се претвори во најдолгата војна на САД по инвазијата по теористичките напади од 11-ти септември 2001 година, во моментов се водат спорадични борби меѓу авганистанските владини сили и талибаните кои зазедоа голема територија во руралните области на земјата и преземаат офанзива во големите градови. Покрај тоа, во Авганистан е зголемено и влијанието на Исламската држава, против која безбедносните сили исто така спроведуваат антитерористички операции низ целата земја.