Царовска: Мојот партнер добивал тендери и пред да бидам на функција и ќе продолжи да си аплицира

Министерката за образование и наука, Мила Царовска на денешната прес-конференција oдговарајќи на новинарско прашање рече дека нема конфликт на интерес што фирмата на нејзиниот партнер склучила договор со Град Скопје вреден милион денари.

Таа потенцираше дека нема можност да влијае на одлучувањето во локалната самоуправа и дека и пред да биде на функција, фирмата на нејзиниот партнер склучувала договори за јавни набавки со државни институции.

– Согласно дефиницијата за конфликт на интерес тука не постои никаков конфликт на интерес и никаква можност за мое влијание во одлучувањето во локална самоуправа. Дополнително, сакам да ја известам јавноста дека и пред да имам каква и да е функција, тој со својата компанија добивал одредени јавни набавки коишто се транспарентни и електронски секој може да ги провери, од страна на државни и приватни институции. И понатаму ќе продолжи да си аплицира на истите – одговори министерката.