Се бара трајно решение за „фантомите“, Собранието останува блокирано

Конструктивна средба која во следните неколку дена треба да резултира со трајно решение за граѓаните кои немаат, да добија државјанство. Ова сублимирано е ставот на премиерот Зоран Заев и координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи по состанокот за Законот за државјанство и одблокирање на Собранието. Сепак, за парламентот да биде функционален Реџепи рече дека прво ќе треба да се постигне договорот за Zаконот.

– Имавмне конструктивен работен состанок на кој претставниците од извршната власт можевме да ги слушнеме аргументациите за законот од Алијанса за Албанците и Алтернатива. За дел веднаш најдовме решение, но за дел заклучивме дека Владата треба да ги разгледа аргументациите кои беа понудени како што и тие треба да ги разгледаат аргументациите понудени од министрите. Договоривме за една недела или помалку пак да се видиме. Се согласивме дека таа бројка која е 500-1.600 и во матичната евиденција околу 850 луѓе е различна и разграничивме дека граѓаните кои имаат извод е една проблематика и тие кои се стекнуваат со државјанство преку женење е друга и како да настапиме. Верувам дека следните денови интензивно ќе работат службите. На тој начин ќе потврдиме дека сме за трајно решавање граѓаните кои немаат државјанство да добијат а притоа тоа да биде согласно европските и светските конвенции за државјанство – рече Заев по средбата.

Премиерот потсети дека излегле со примери од 2004 година кога се решени многу повеќе државјанства. Тој повтори дека со сведоци не може да се добие државјанство, бидејќи други сведоци може да го побијат.

–  Министерот наброја десетина примери за добивање државјанство со документи. Не можеме да ја изгубиме визната либрарлизација затоа што сакаме да учиниме. Оценката на АНБ за безбедност треба да ја разгледаме. Не смее субјективно да се оценува за државјанствата – вели Заев.

Реџепи изјави дека верува дека се на добар пат да најдат трајно законско решение за Законот за државјанство.

– Со тоа ќе се овозможи да се постави една законска рамка преку која на сите граѓани на кои им беше оневозможено, да добијат државјанства. Од Владата предложија да има преодна законска одредба што ние ќе ја дискутираме, но ние бараме за одредени точки и Владата да направи компромис , за да не бидеме ние единствената црна овца во Собранието која блокира закони – вели Реџепи.

Тој додаде дека ирелевантно е колку граѓани немаат државјанство, дали 1.000 или повеќе туку дека е  важно  сите да добијат државјанство. Тој е дециден дека прво треба да се постигне договор за Законот за дрќавјанство па дури потоа ќе го одблокираат Собранието од илјадниците амандмани поднесени на законите.

И Заев и Реџепи изјавија дека на денешниот состанок пописот не бил тема. Заев очекува Алијанса и Алтернатива да дадат поддршка на измени на Законот за попис, бидејќи како што вели, тие веќе амандмански барале одложување на пописот. Премиерот е убеден дека не може да се блокира одложувањето на пописот бидејќи законот е со европско знаменце и уверува дека за него има Бадентерово мнозинство.

Реџепи пак повтори дека АА-А ќе ги искористат сите демократски вредности за пописот да не се одложи. Според нив, одложувањето на пописот е од политички, а не од здравствени причини.