
Најмалку 48 луѓе загинале а уште 118 патници се хоспитализирани во петокот на Тајван, со што се коригирани првичните податоци за 36 жртви и 60 повредени откако воз со речиси 500 патници излетал од шините во тунел, судирајќи се во камион кој излизгал од патот кој водел до блиското градилиште.
Локалните медиуми истакнуваат дека во моментов во демолираните вагони од композицијата повеќе нема блокирани луѓе. Додаваат дека несреќата, во којшто загинал и машиновозачот, е најголемата железничка катастрофа во најмалку четири децении на Тајван.
Возот „Taroko Express“, во кој според некои извори имало 350 патници а патувал од Тајпеј кон Тајтунг, излетал од шините во источниот дел од земјата северно од градот Хуалијен. Во возот имало многу туристи и луѓе кои се враќале дома на почетокот од продолжениот викенд поради тамошниот традиционален Ден на чистењето на гробниците.
Снимките од местото на несреќата покажуваат распаднати и згмечени вагони, чиешто деформирање ги спречуваше спасувачите да дојдат до преживеаните и повредените.
Министерот за сообраќај Лин Чиа-лунг за новинарите на местото на несреќата изјави дека со возот се превезувале околу 490 лица, коригирајќи ја првичната информација за 350 патници. Тајванските медиуми додаваат дека многу од патниците во текот на патувањето стоеле бидејќи возот бил полн, прикажувајќи снимки на преживеани кои се изведен од тунелот.
Службената новинска агенција соопшти дека постојат сомневања дека камионот чијашто рачна сопирачка не била активирана излизгал од коловозот и му го препречил патот на возто, како и дека полицијата го привела возачот на испитувања. Дел од возот бил надвор од тунелот, а патниците кои биле во вагоните во тунелот се однесени на безбедно, соопшти тајванската железничка управа.
Тајванскиот планински источен брег е популарна туристичка дестинација, а железничката пруга од Тајпеј до источниот брег е позната по мноштвото тунели и рути кои ја опкружуваат брегот северно од Хуалијен, каде што се случи несреќата. Линијата којашто ги поврзува Тајпеј и Хуалијен е отворена дури во 1979 година.
Тајванските државни железници важат инаку како безбедни и ефикасни, но во текот на годините се забележани неколку несреќи. Во 2018 година 18 луѓе загинаа а 175 се повредени кога воз излизла од шините на североистокот Тајван. Во 1981 година 30 луѓе смртно настрадаа во северот на Тајван, а во 1991 година уште 30 загинаа во налет на воз.