(ФОТО) Стоилковски: Шилегов во изборна година вработува нови 175 административци во ЈСП кое едвај преживува и со градските субвенции

Советот на Град Скопје, поточно советниците на СДСМ вчера изгласаа скандалозна одлука со којашто мрзливиот градоначалник Петре Шилегов овозможи нови 175 вработувања во Јавното сообраќајно претпријатие, кое ќе банкротира доколку не биде сувенционирано од Град Скопје, посочи во петокот на прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицскиот портпарол презентираше за новинарите план во кој според дописот до крајот на годината се планирани 175 вработувања, како и дека според описот во годината во којашто се однесува оваа одлука се наведува 41 пензионирање во текот на годината.

„Носење ваков план, и тоа во изборна година несомнено отвора сомнеж дека списоците за овие вработувања веќе се направени“, истакна Стоилковски.

Порача дека станувало збор за вработување на возачите, коишто се дефицитарен кадар во ЈСП, ВМРО-ДПМНЕ сигруно ќе го поздравел планот, но дека вака понудениот список укажува на тоа дека ЈСП станува „државна јагма за приватни и за партиски цели“.

„Во година кога 60 илјади луѓе од приватниот бизнис остануваат без работа, кога економијата и официјално е во рецесија, токму на директорот на ЈСП поставен од неработникот Петре Шилегов му притребало после четири години директорување нов оперативен директор. Или пак советник за примена на Законот за јазици. Што ќе го советува и како сега после неколку години од донесениот Закон баш сега му притребал ваков кадар. Или пак работно место инженер за инвестиции, па какви инвестиции кога најголемиот инвеститор на ЈСП е токму Град Скопје“, рече Стоилковски.

Според него, со овој обем на вработување Владата треба да се откаже од намерите за привлекување нови странски инвестиции, поради две причини. Првата, рече Стоилкоски, затоа што досега власта не донесе ниедна странска иневстиција и , затоа што „најголемиот работадавач на оваа држава станува токму Град Скопје и мрзливиот Петре Шилегов“.

Но, посочи портпаролот на ВМРО-ДШМНЕ, проблемот е што станува збор за парите на скопјани.

„А кога државни пари се слеваат за лични интереси освен што е еден неморален конфликт, тој несомнено покажува и за силна политизираност на целиот процес“, заклучи Стоилковски.