Судската администрација револтирана, бидејќи на списоците за вакцинација се само претседатели на судови и судии

Здружението на судска администрација реагира на истата за приоритетна вакцинација изготвена на 12 април и бара информација врз основа на кои критериуми Судскиот совет ги изработува листите за вакцинирање на вработени во судовите.

Слудските службеници велат дека на оваа листа се нашле само членови и вработени во Судскиот совет, претседатели на судови и судии, додавајќи дека тие се целосно изоставени.

„Според Националната техничка група за имунизација против ковид-19, вработените во судовите се дел од критичната државна инфраструктура, но нејасно е како тоа на листата за вакцинирање без исклучок постои само една категорија на вработени во судовите“, се вели во реакцијата на судската администрација до Судскиот совет.

Во неа се објаснува и дека судските службеници работат во писарниците и канцелариите со повеќе свои колеги без можност да одржуваат ниту минимум меѓусебно растојание со што во континуитет го загрозуваат своето и здравјето на своите семејства.

„Каде е тука правдата и правичноста која треба да биде темелна вредност на секој судски систем почнувајќи од ‘сопствениот двор’?“, јавно прашуваат судските службеници.