На 116 години почина најстарата Американка

Најстарата Американка, Хестер Форд, починала во саботата на возраст од 116 година, оставувајќи зад себе мноштво потомаци, меѓу кои стотина правнуци, објави нејзиното семејство на социјалните мрежи.

Иако не е сигурно утврдено дали е родена 1904 или во 1905 година, здружението Gerontology Research Group во 2019 година ја призна Хестер Форд како најстарата Американка.

Починала во својот дом, во кругот на семејствот. Директната причина за смртта не е соопштена.

Афроамериканка, родена во сојузната држава Јужна Каролина, раснела на фарма каде што берела памук по што работела како дадилка, објави локалната телевизиска станица WBTV.

„Таа го претставуваше напредокот на нашето семејство, но и напредокот на афроамериканците и нивната култура во нашата земја. Таа нѐ потсетуваше на патот кој го изминавме како народ“, соопшти нејзиното семејство.

Форд е родена четиресеттина години по укинувањето на ропството во Соединетите држави и ја преживеала сегрегацијата, која беше запрена дури во 1960-те години. Ја преживеала и пандемијата на шпанскиот грип во 1920-те години.

Има повеќе од 280 потомоци: 12 деца, 48 внуци, стотина правнуци и исто толку праправнуци.

Инаку најстарата жена на светот е Јапонката Кана Танака која има 118 години.