
Рускиот претседател Владимир Путин изрази денеска подготвеност да разговара со украинскиот колега Володимир Зеленски во Москва, но само за билатералните односи, а не и за судирите во источниот дел на Украина.
– Ако станува збор за билатералните односи, тогаш секако сме подготвени во кој било момент да му посакаме добредојде на украинскиот претседател во Москва – истакна Путин, додавајќи доколку Зеленски сака да разговара за судирите во источниот дел на Украина треба пред се да им се обрати на проруските бунтовници, а не на него.
Зеленски денеска му предложи состанок на Путин во зоната на судири меѓу украинските безбедносни сили и проруските бунтовници.
Тензиите меѓу Русија и Украина се зголемени во изминатите недели поради зајакнатото присуство на руски војници на границата со Украина и на полуостровот Крим.
Руската армија соопшти денеска дека од утре почнува со повлекување на своите сили на границата со Украина. Киев го поздрави таквиот потег на Москва.