
Полициски службеници на СВР Тетово-Полициско одделение Теарце денеска околу 13:15 часот, во гаража помеѓу тетовските села Нераште и Беловиште, го лишиле од слобода Ш.Ш.(45) од Нераште, кој се сомничи дека е извршител на четири тешки кражби во трговски објекти во Тетово и во регионот на Теарце, во кои со употреба на сила влегувал и одземал пари и поголема количина разновидни производи.
МВР денеска соопшти дека Ш.Ш., исто така, се барал по централна потерница од Казнено-поправната установа Затвор „Идризово“ од Скопје и за доиздржување на затворска казна од три години и 28 дена за сторено кривично дело „разбојништво“.
Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот, по што против Ш.Ш. ќе биде изготвен соодветен поднесок.