
Од 17,8 милиони евра, колку што тежи шестиот пакет на економски мерки, само за угостителството се предвидени 9,9 милиони евра и сметаме дека тоа е соодветен, праведен и правичен модел кој го избравме за да му помогнеме на туристичко угостителскиот сектор, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
– Моделот го засноваме на тоа што сите сме посеале. Ако во 2019 и 2020 година компаниите уживаа во неформалната економија, а денеска бараат помош од државата, за жал не можеме да одговориме. Но, сите кои соодветно постапувале и оперирале ќе добијат соодветна помош според моделот кој го креиравме – компензација на дел од приходите и компензација на дел од плата за секој вработен, рече Битиќи.
Тој нагласи дека и досега се среќавал со претставници на Туристичко-угостителската комора, а и пак ќе се види со нив за да разговара.
– Мораме да сфатиме дека и во период на криза треба да се обидеме да креираме систем кој е одржлив и кој ќе даде дополнителни позитивни ефекти на среден рок. Сметам дека овој модел еднаш за секогаш ќе ги исфилтрира тие кои заслужуваат да добијат помош, а за тие што помалку заслужуваат се надевам дека ќе ги опфатиме со другите тековни програми со кои работиме на сузбивање на сивата економија, на зголемување на вработливоста – рече Битиќи.
Вицепремиерот нагласи дека во развојот и креирањето на политиките има два пристапа од кои првиот е, како што рече, една капа за сите, а вториот е скроена капа за различни.
– Ние креираме скроени модели и политики за одредените категории на угостители, прецизира Битиќи.
МИА