Арсовски: Некој од власта добро заработил од пасошите за светските мафијаши

Ова кое што го прават Венко Филипче и Зоран Заев е геноцид врз сопствениот народ. Додека граѓани умираат, тие возат мотори, градат хациенди на Водно и се возат во хеликоптер и треба да одговараат за тоа бидејќи ништо не ги интересира освен провизии и заработка, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, за „Филибастер“ на Радио Лидер.

– Најпрвин провизиите за набавка на респиратори каде што сакаа да земат пари. Којзнае колку заработиле од маски и слични работи. Но, провизиите на Венко Филипче за набавка на кинески вакцини, кои дека се сомнителни видоа и кинеските служби кои го  вратија авансот. Дури и ветената донација од Бугарија не е реализирана. Имаше ветувања од Заев дека до крајот на април ќе стигнат 200.000 вакцини, но еве не видовме пречек на вакцини. Единствено што прават е купување на време и лажење. И имаме речиси 5.000 починати кои ја изгубиле битката тоа е затоа што владата не била доволно способна да набави вакцини или претходно респиратори и медикаменти да ги излечи граѓаните – вели Арсовски.

Во однос на аферата „Мафија“ со нелегалните пасоши на светски мафијаши, Арсовски истакна дека тоа не е ништо повеќе освен начин на бизнис, да заработат сериозни пари со издавање на нелегални пасоши, бидејќи секоја држава си има своја мафија, но само во Македонија мафијата има своја држава, а на чело на мафијата е Зоран Заев.

– Верувајте дека некој од власта добро има наплатено, но ќе дојдат времиња кога ќе има истрага и ќе се покаже кој е главата на тој криминал. Никој од тие светски мафијаши не може да дојде туку така во Македонија, и да побара пасош, или некој од МВР. За да се случи една таква операција треба да има меѓусебна доверба помеѓу челните лица кои требало да ги одобрат пасошите и помеѓу мафиите. Истрагата треба да утврди кој одобрил и кој ја организирал целата работа. Тие луѓе седат во раководните функции во власта – истакна Арсовски.

Арсовски вели дека за сето ова ќе има одговорност, а одговорноста ќе започне со локалните избори кога граѓаните ќе го казнат СДСМ за криминалите и неработата, бидејќи градоначалниците на СДСМ не сработија ниту еден капитален проект, но затоа беа фатени во афери, шверц на цигари или малтретирање на жени.

– Градоначалниците на СДСМ ќе ги паметиме дека за 4 години не сработија ниту еден капитален проект, но затоа се вклучени во скандали, криминали и малтретирање на граѓани, како што е  градоначалникот на Лозово за кого по 3 години го запознавме како малтретира вработени и врши мобинг врз жени и нема никакви реперкусии.  Да беа нормална влада досега ќе имаше кривични пријави, ќе беше сменет и ќе одговараше за тоа што го правел врз тие невини граѓани.  Имате градоначалник кој беше фатен за шверц на цигари и пукаше како кочијаш и каубоец во Ново село, а одлежа само 6 месеци кои не сме сигурни дали ги одлежал, а неговиот син доби лиценца за марихуана.  Човек што шверцувал цигари добил лиценца за марихуана, што ќе прави тој, нормално дека ќе ја шверцува – нагласи Арсовски.