Ракометарите на Македонија се пласираа на ЕП 2022 година по триумфот против Финска

Машката ракометна репрезентација на Македонија со победа на гостински терен против Финска од 22-27 го потврди местото во групата меѓу најдобрите селекции и ќе патува на Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра на стартот на 2022 година.

Иако важеше за голем фаворит, нашиот национален тим доста се намачи за да дојде до посакуваниот резултат.

„Црвено-жолтите“ до посакуваната победа дојдоа во финишот, во последните петнаесетина минути, кога дадоа пет гола во низа и го свртеа резултатот во своја полза.

Најдобри на листата на стрелци беа Лазаров и Кузмановски со по пет гола, а добра партија имаа голманите Митревски и Томовски кои поделија по едно полувреме и заедно запишаа 15 одбрани. Кај Финците, убедливо најдобар беше голманот Росландер кој го одигра мечот на кариерата и запиша 20 одбрани (толку имаше на претходните три меча заедно), додека кај стрелците Гранлуд даде шест гола, а пет реализира Мартин.

Македонија до крајот на квалификацискиот циклус ја чека уште еден натпревар, на домашен терен против репрезентацијата на Швајцарија.