Влада: Институтот понуди нови толкувања за зборовите што ја разбрануваа јавноста

Владата соопшти дека првите луѓе на редакцијата на Толковниот речник и на Институтот за македонски јазик самите понудиле привремено да бидат повлечени толкувањата на некои зборови што предизвикаа реакции во јавноста и набргу да ги  заменат со толкувања соодветно на современиот лингвистички и општествен контекст.

„За овој чекор согласност за содржината на соопштението даде и раководителката на проектот Толковен речник на македонскиот јазик кое беше доставено до јавноста и до сите медиуми кои побараа дополнителни толкувања. Владата во комуникацијата со Институтот и со раководниот тим на Толковникот, покажа висока почит и разбирање за стручноста и автономијата на научните работници и размената на мислења поврзана за реакциите се водеше во исклучиво контекст на социолингивистичките аспекти согласно современите општествени текови и прифатени вредности, и во таа насока понуденото решение за ново вредносно толкување, со целата почит кон методологијата на тимот научници, дојде токму од нив“, соопшти владината прес-служба во врска со повлекувањето зборови и нивните толкувања откако завчера Речникот беше промовиран во електронска везрија на новата платформа makedonski.gov.mk.

Во соопштението Владата наведува дека заедно со Министерството за образование и наука и Институтот за македонски јазик  „Крсте Петков Мисирков“ многу јасно и прецизно ги договориле улогите во подготовката на процесот и во поставувањето на севкупниот зборовен фонд од Толковниот речник на македонскиот јазик.

Од таму нагласуваат дека Речникот е научен труд и авторско дело на научниците македонисти и лингвисти од Институтот коишто се единствено стручни за оваа област и имаат и надлежност за содржината на речникот, а дека Владата понатаму ќе ја има единствено улогата да го модерира техничкиот дел на процесот и да го одржува системот.

„Владата на Република Северна Македонија, согласно својата програма за унапредување на македонскиот јазик, ја реализираше дигитализацијата на вкупниот број лексеми, односно зборови, со единствена цел да им го доближи и да го стави на бесплатно располагање речникот на сите граѓани и на академската јавност во земјата и во светот, за тој редовно да се ажурира, да расте и да се развива, да се дополнува и менува. Тоа значи дека платформата makedonski.gov.mk понатаму ќе се развива заедно со сите научни работници, лектори, македонисти, и други научници кои низ својата интердисциплинарна работа опфаќаат лингвистика, и кои ќе можат редовно да го ажурираат речникот, да го дополнуваат и менуваат, за истиот да расте и да се развива, а Владата и понатаму ќе ја има единствено улогата да го модерира техничкиот дел на процесот и да го одржува системот“, соопшти владината прес-служба.