
До крај на работното време, не добивме официјален одговор од МОН по однос на нашите барања доставени и разговарани на работната средба одржана на 6 мај, ниту пак го добивме Записникот од средбата согласно договореното со претставниците од МОН, реагираат родителите кои се противат на воведување на дигиталните учебници.
– Остануваме доследни на нашите ветувања пред граѓаните дека продолжуваме со битката и ќе се бориме до крај против донесувањето на законот за учебници и наставни материјали , користејќи ги сите начини и средства загарантирани со законите во Македонија. Како што најавивме, следните чекори се организирање на мирни протести во градовите низ Македонија и мирен марш во Скопје. Протестите низ градовите и маршот во Скопје ќе бидат организирани согласно протоколите за активности на отворен простор во услови на пандемија – велат родителите од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“.