
Турскиот криминалец, Седат Пекер, кој по објавување на аферата „Мафија“ беше посочен како еден од многуте кој добил македонски пасош со лажен идентитет, вели дека го познава премиерот Зоран Заев и дека бил кај него дома.
Еден месец претходно Зоран Заев пропушти да каже дали се познава лично со Пекер и дали го примил во својот дом. Напротив, Заев посочуваше дека луѓе од неговата коалиција, а не тој, се среќавале со Пекер „во чаршијата или на други места“.
Опозицијата јавно прашуваше и дали Седат Пекер бил на средби во зградата на владата?
„Дали зад криењето на Заев се кријат разговори за евентуални бизниси со Седат Пекер и дали во таквите бизниси се спомнува Вице Заев?
Веќе видовме дека Седат Пекер се среќавал со градоначалници и функционери од СДСМ и коалицијата, одел во општините и институциите, и бил приман како голем бизнисмен.
Згора на тоа Пекер бил придружуван од полициско обезбедување и полициски возила, како да се работи за државник од највисок ранг, а не за криминалец баран со потерница’, посочуваа од ВМРО-ДПМНЕ.