
„По мене целата оваа состојба поврзана со евроинтеграциите има два аспекти. Првиот аспект е надворешно политичкиот, вториот а не помалку значаен е внатрешно политичкиот аспект. Но, сега кога сме на полето на надворешната политика, прво една исправка на она што го кажа господинот Адеми не знам дали беше лапсус или незнаење не навлегувам во тоа, тој рече дека се работи за техничко прашање. Не, се работи за техничко прашање туку се работи за потреба од носење на политичка одлука од Советот на ЕУ, односно Советот на Европа. Значи треба да се донесе една политичка одлука за која што во овој момент заради постоење на вето, односно неможност да се постигне консензус не се испорачува таквата политичка одлука за одржување на првата меѓувладина конференција“, истакна Тимчо Муцунски, пратеник во гостување во емисијата „24 анализа“.
Муцунски додаде дека не верува дека техничката Влада на Бугарија ќе има капацитет ова прашање да го надмине или реши.
„Јас сега ќе потсетам дека ние како политичка партија многу подолг период алармиравме за потребата од антиципирање на овие позиции на Република Бугарија, тогаш ако се сеќавам добро лани во мај или јуни јас лично бев обвинет од Центарот за комуникации на СДСМ дека ширам лажни вести, по однос на таквото предупредување сега излегува дека некој друг ширел лажни вести“, рече Муцунски.
Муцунски посочи дека денес имаше една апстрактна изјава од страна на премиерот дека Македонија не преговара за јазикот и за идентитетот.
„Но, овој спор кој што е наметнат од Бугарија, кој што е противправен, кој што е нерационален, кој што е навредлив има четири аспекти, јазикот, идентитетот, историјата како клучен аспект на идентитетот и една тема за која што сите ја запоставуваат за да зборуваат, а тоа е заштитата на националните малцинства. За заштита на националните малцинства не видов ниту еден коментар. Приморан сум да цитирам една изјава на премиерот Заев, дадена во „Катимерини“ пред неколку дена во која што вели –„Да ја одредуваш историјата на друга нација во 21 век не е во согласност со европскиот дух бидејќи треба заедно да градиме иднина, како и дека за Македонија со придавката „С“, за македонскиот народ, за сите граѓани на нашата земја и било какви интервенција во македонскиот идентитет е неприфатливо“. Но, доколку е така како што тоа го кажува премиерот Заев во изјава од пред неколку дена ајде да се потсетиме на содржината на Преспанскиот договор, кој што експлицитно во својата содржина има откажување од историја, има откажување од национални малцинства, има ред низа последици низ нашиот институционален систем“, потсети Муцунски.