Унгарија донираше 6.000 вакцини за Граничната полиција во Македонија

Пристигнаа 6.000 вакцини за имунизација на Граничната полиција при македонското Министерство за внатрешни работи како донација од Унгарија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје“ ја пречекаа делегацијата предводена од министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто, кој им ја предаде донацијата како пријателски чин на Владата на Република Унгарија.

– Во име на Владата на Република Северна Македонија, во свое и во име на сите вработени во Министерството за внатрешни работи сакам да изразам благодарност за донацијата која што денеска ја врачи неговата екселенција министерот Петер Сијарто. Сакам да истакнам дека досега, како Министерство, успеавме да организираме имунизација над 1.500 припадници на полицијата, а со тој процес на имунизација ќе продолжиме и понатаму врз основа на планот што е изготвен во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за здравство. Ова е уште една можност преку ваков пријателски чин да испратиме силна порака за взаемна соработка и пријателство – посочи Спасовски.

Тој апелираше до сите граѓани на Македонија да се пријават за вакцинација.