Револтираните родители и ученици излегуваат на протести, наставниците принудени да вршат притисоци

Откако министерката Мила Царовска одби да се сретне со претставници од иницијативата „Учебници и настава мора да има”, за денеска се најавени протести во повеќе градови во Македонија.

Со почеток од 12 часот, протестот во Скопје ќе се одржи пред Министерството за образование и наука, додека во другите градови, родителите и учениците ќе протестираат пред општините.

На социјалните мрежи деновиве реагираа ученици, наставници и родители дека се вршат притисоци за да не се излезе на протестот. Директорите на голем број од училиштата претходно бараа и списоци од кои ученици ја бојкотираат наставата. Во некои училишта, класните раководители се заканувале со намалено поведение за оние кои покажуваат отпор на образовните реформи.

И покрај силните реакции од јавноста и незадоволството, министерката Царовска не отстапува од својата идеја, при што континуирано обвинува дека се работи за „мали групи на партиски ботови” кои се спротиставуваат на промените.