
Членот на Судскиот совет, Зоран Теофиловски, обвинет за кривично дело „злоупотреба на службена должност и овластување”, во случајот за Тениско спортско здружение Љуботен Тетово, изјави дека воопшто не се чуствува виновен и посочи дека станува збор за монтирано обвинение.
– Имам докази за сите, сите ќе бидете изненадени по чиј налог тоа се прави, рече Теофиловски, кој најави дека поопширно ќе збори во воведните зборови.
Исто така и останатите обвинети Ајдин Нуредини, Џемал Абди, Имран Куртиши, Кренар Ибрахими, Цветко Наумовски и Идриз Реџепи во своите изјави пред Судот се произнесоа дека не се чуствуват за виновни.
Според, обвинението, обвинетиот Зоран Теофилоски, како одговорно лице – Претседател на Тениско спортско здружение Љуботен Тетово и Цветко Наумовски како одговорно лице – Управител во правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, со умисла ги потикнале обвинетите Ајдин Нуредини како лице кое врши работи од јавен интерес и службените лица Џемал Абди, Имран Куртиши, Кренар Ибрахими и Идриз Реџепи со искористување и неизвршување на нивната службена положба и овластување, со умисла да прибават значителна имотна корист за правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, а на штета на средствата на државата – сопственост на градежно земјиште, во вредост од 22.050.000 денари.
Следното рочиште за овој случај е закажано за 2 јули.