
Во моментов ги собираме сите информации за увозот и дистрибуцијата на сомнителниот мазут и кога ќе ги имаме сите податоци ќе ја информираме јавноста. Ако не се реализирани сите процедури согласно правилникот за квалитет на течни горива и процедурите за увоз на нафтени деривати документите ќе му ги предадеме на Јавното обвинителство, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Потоа согласно законите Јавното обвинителство ќе покрене соодветни процедури – рече Бектеши.
Тој додаде дека институциите веќе работат на случајот.
– Сите институции, почнувајќи од Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Инспекторатот за животна средина имаат обврска во роковите предвидени согласно заклучоците да ги достават сите информации – рече Бектеши.
Сите правилници на Министерството за економија, додаде тој, потполно се хармонизирани со барањата на Европската комисија и на Енергетската заедница и во делот на сулфурот и во делот на другите карактеристики кои се проверуваат согласно македонскиот стандард MKS X 430.
– Не е само еден параметар кој треба да се контролира, туку се седум или осум – рече Бектеши.
МИА