
Италијанските спасувачи ги извлекле од остатоците на урнатата кабина од жичницата телата на 12 загинати, но вкупниот број жртви може да изнесува 13, соопшти во неделата рано попладнето претставник на горската спасувачка и спелеолошка служба во северниот регион Пиемонт.
„До моментов спасувачите извлекоа 12 тела. Бројот на жртвите може да се промени во текот на продолжувањето на операцијата. Можно е да има уште една жртва, но за тоа нема официјална потврда“, изјавиле од службата.
Се претпоставува дека жртвите починале веднаш по падот, додека две деца на возраст од 5 и 9 години, итно се медицински хеликоптери се пренесени во болницата „Регина Маргарита“ во Торино.
Трагедијата се случи во неделата на жичницата која ги поврзува селото Стреза на брегот на езерото Маџоре и возвишението Мотароне од околу 1.500 метри, во возењето кое трае околу 20 минути. Падот се случил на 300 метри пред врвот на ридот околу последниот столб на максималната височина на жичницата во шумски и недостапен терен, што ја отежнуваше операцијата за спасување.
Идентитетите и националноста на жртвите сѐ уште не се утврдени.
Жичницата Стреза – Мотароне беше повторно отворена пред речиси еден месец за локалното население и туристите по постепеното укинување на епидемиолошкото „затворење“.
Врвот Мотароне е многу популарен и омилен меѓу туристите поради прекрасниот панорамски поглед на езерото Маџоре и на неговите живописни острови, како и поради отворениот видик кон Алпите.
Жичницата е првпат отворена во август 1970 година по тригодишните работи на замена на запчестата железница. Според операторот, во 2014 година жичницата минала темелен ремонт кој траел две години.
Двојниот кабелски систем е поделен во два дела. Првиот се наоѓа на малку повеќе од два километара меѓу Стреза и селото Алпина, а вториот три километра меѓу Алпина и Мотароне. Се состои од две кабини кои возат во спротивните насоки, а секоја кабина може да прими до 40 патници.