
Италијанските власти во понеделникот, ден по фаталната несреќа на жичницата во северниот регион Пиемонт и 14-те загинати, ветија дека итно ќе ја истражат оваа несреќа.
Формирана е специјална комисија којашто ќе им помогне на обвинителите во истрагата, изјави министерот за инфраструктура Енрико Џованини. Според медиумските извештаи, обвинителството размислува и за тоа дали во овој случај може да се подигнат обвиненија за убиства од небрежност.
Во кабината со капацитет до 40 патници, во моментот на несреќата имало 15 лица, а жичницата во тој момент била на стотина метри пред крајот на линијата меѓу местото Стрезо и планинскиот врв Мотароне.
Само две деца, на возраст од девет и пет години, го преживеаја падот на гондолата од височина од 20-ина метри. Но подоцна во неделата вечерта повозрасното дете почина од повредите во болницата „Регина Маргарета“ во Торино каде што беа пренесени со медицински хеликоптери.
Преживеаниот петгодишник кој во неделата ноќта беше подложен на комплициран оперативен зафат поради повеќекртните фактури на черепот и двете нозе, останал без двата родители и помладиот брат. Италијанските медиуми објавија дека неговата тетка е крај него во болницата.
Израелското министерство за надворешни работи потврди дека меѓу загинатите петмина се израелски државјани од исто семејство.
Компанијата одговорна за годушните проверки на жичницата соопшти дека последната проверка на исправноста изведена во ноември 2020 година покажала „дека нема неправилности“.
Жичницата е првпат отворена во август 1970 година по тригодишните работи на замена на запчестата железница. Според операторот, во 2014 година жичницата минала темелен ремонт кој траел две години и била затворена до 2016 годна. Жичницата Стрезо – Мотароне е повторно отворена пред речиси еден месец на 24-ти април за локалното население и туристите по постепеното укинување на епидемиолошкото „затворење“.
Брегот на предалпското езеро Маџоре, меѓу Швајцарија и Италија, како и врвот Мотароне е многу популарен и омилен меѓу домашните и странските туристи поради прекрасниот панорамски поглед на езерото и на неговите живописни острови, како и поради отворениот видик кон Алпите.