
Кошаркарите на Јута Џез ноќта кон четвртокот во второто коло од доигрувањето во Западната конференција на НБА лигата со 141:129 ги совладаа Мемфис Гризлис израмнувајќи на 1-1 во серијата до четири победи.
Победата на Јута ја донесе Донован Мичел кој се врати на паркетот по повредата и кој дуелот го заврши со 25 коша, од кои пет „тројки“. Кај поразената екипа, и на натпреварот, најдобар беше Џа Морант со 47 поени кој го надмина личниот рекорд од 44 коша на еден натпревар.
Јута на полувремето имаше водство од 74:54 и не го испушташе до крајот. Мемфис се приближи на 93:96 во третата четвртина, но тогаш Џордан Кларксон реализираше три слободни фрлања, Руди Гобер постигна два коша а Мичел погоди „тројка“ за серија од 10:0 со што Јута повторно дојде до двоцифрена предност која не ја испушти до крајот.
Серијата сега се сели во Мемфис каде што третиот натпревар е на распоредот во сабота.
Филаделфија 76ерс го зголемија водството во серијата на 2:0, победувајќи ги во вториот дуел од плејофот во Источната конференција Вашингтон Визардс со 120:95.
Бен Симонс во победата на Сиксерс впиша 22 коша, 9 скокови и 8 сасистенции, а го следеше Џоел Емби исто така со 22 поени но со 7 скокови. Тобијас Харис додаде 19 коша и 9 скокови за првопласираниот тим на Истокот.
Бредли Бил ги предводеше Визардс со 33 поени, додека Риу Хачимура и Даниел Гефорд уфрлија секој по 11 коша. На почетокот од последната четвртина Расел Весбрук, кој дотогаш постигна 10 коша и впиша 11 асистенции, го повреди десниот зглоб и мораше да го напушти теренот.
Њујорк Никс со победата од 101:92 над Атланта Хоукс дојдоа до изманување 1-1 во серијата до четири победи.
Дерик Роуз постигна 26 коша за Њујорк, Џулиус Рендл додаде 15 коша и 12 скокови за Никс кои успеаја да надоместат заостанување од 15 поени. Најефикасен кај Атланта бепе Треј Јанг со 30 коша.
Третиот дуел во оваа серија се игра во петокот во Атланта.