
Поранешниот директор на ЦИА и поранешен државен секретар на САД, Мајк Помпео изјави дека на Институтот за вирусологија во Вухан се изведуваат тајни воени експерименти и истражувања.
Тој додаде дека постојат многу докази дека коронавирусот е создаден во лабораторија.
Изјавата на Помпео уследи неколку дека откако американскиот претседател Џо Бајден им нареди на разузнавачите во рок од 90 дена да го утврдат потеклото на ковид-19.
– Со сигурност можам да кажам дека ние знаеме дека луѓе од лабораторијата соработувале со Народно-ослободителната војска. Така што таму имало и воени активности иако тие тврдеа дека станува збор за строго цивилно истражување – истакна Помпео за Фокс њуз.
Тој додаде дека Кина одбила да каже на што работи и не ѝ дозволи пристап на Светска здравствена организација.
– Лабораторијата за тестирање на вируси е сè уште таму и работи. Најверојатно врши тестирања што доведоа до протекување на вирусот од лабораторијата. Само Комунистичка партија на Кина го знае одговорот, но целиот свет заслужува одговор и тие треба да ни кажат што се случи – наведе Помпео.
Од почетокот на пандемијата Помпео тврди дека вирусот протекол од лабораторијата во Вухан.
– Од пролетта 2020 година постојат докази дека вирусот потекнува од лабораторијата. Знаеме дека имало луѓе кои се разболеле таму, научници кои се разболеле – посочи Помпео, додавајќи дека вирусите во лабораториите биле модифицирани да бидат заразни и потенцијално смртоносни и дека актуелната американска администрација мора да го испита тоа.