Во мандатот на Бајден 14 отсто од нововработените во сојузните институции се ЛГБТИ лица

Речиси 14 отсто од вработените во сојузните институци, именувани во досегашниот мандат на Џо Бајден се ЛГБТИ лица, рече американскиот претседател во обраќањето со кој го означи официјалното признавање во САД на јуни како „месец на гордоста“ кој го слави оваа заедница.

Претседателот Џо Бајден, кој доаѓа од Демократката партија, побара од американскиот Конгрес да го усвои Законот за еднаквост (Equality Act) со кој според него би требало да бидат заштитени ЛГБТИ (L.G.B.T.Q.+) лицата од дискриминација.

„И покрај нашиот напредок, постојат бројни држави во коишто ЛГБТИ+ лицата сѐ уште немаат доволна заштита на фундаменталните права и дигнитет во болниците, училиштата, во јавното сместување и другите простории“, рече Бајден.

„Нема да мируваме додека конечно не биде постигнато и законски не се овозможи потполна еднаквост за ЛГБТИ+ Американците“, додаде Бајден.

Според него се случувал „голем пораст на насилства кон трансродовите лица, особено кон трансродовите афроамериканки и кон младите ЛГБТИ лица, кои се соочуваат со насилство и малтретирање во образовните институции, поради што расте ризикот од самоповредување и самоубиства“.

Бајден притоа ја пофали работата на министерот за сообраќај Пит Бутиџиџ, првиот деклариран хомосексуалец на министерска позиција во историјата на САД, како и заменичката на министерот за здравство Рејчел Левин, првото трансродово лице во американската влада.

Активистите тврдат дека администрацијата на Бајен е најмногу про-ЛГБТИ ориентирана влада во американската историја.

Првиот ден од својот мандат Бајден потпиша извршен указ со кој на сојузните агенции им се наложува заштита на ЛГБТИ лица според сите сојузни закони коишто забрануваат дискриминација врз основа на полот.

Бајден, исто така, ја укина забраната за служба во американската војска за трансродовите лица. Ја укина и одлуката на поранешниот државен секретар Мајк Помпео, според кој ограничена е практиката на поставување знамиња во боите на виножитото на американските амбасади како поддршка за ЛГБТИ заедниците во другите земји.