
Капитениот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев, лидерот на оваа селекција и фудбалерот со најмногу настапи и голови за црвено-жолтите им порача на Австријците дека ќе треба добро да се намачат и да се испотат во првата пресметка на 13-ти јуни во Букурешт на отворањето на Европското првенство, во интервју за австрискиoт дневен весник Kronen.
„Би сакал сите да не гледаат како аутсајдери, за да го покажеме нашиот вистински фудбал. Ја сакаме таа улога“, вели Пандев.
Првпат Македонија се подготвува за деби на големата сцена, па Пандев посочува дека сите фудбалери во националниот тим живеат за Македонија и за шансата дека ќе ја презентираат нашата земја на еден голем турнир.
„Самото чувство да се подготвуваш со репрезентацијата за настап на Европско е нешто прекрасно. Ние живееме за Македонија, сега имаме шанса да ја презентираме на големата сцена и ќе дадеме сѐ од себе за гордо да се бориме за нашето знаме“, посочува Пандев.
Австрија е првиот противник на македонската селекција на 13-ти јуни. Македонија во претходните две пресметки беше двапати поразена со вкупни 2:6 (1:4 во Скопје и 1:2 во Виена).
„Имам лоши сеќавања од Австрија, двапати нѐ победија, но сега немаме повеќе право на грешки. Ниеоедвај го чекаме овој дуел, а Австрија сега ќе мора да вложи огромен напор“, додава Пандев.