
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му даде поддршка на уапсеното момче на денешните протести на раскрсницата кај „Мавровка“ само затоа што, како што рече, го снимал настанот со својот мобилен телефон.
„Остани храбар каков што си Стефан, продолжуваме заедно за нашата Македонија“, напиша Мицкоски објавувајќи фотографија од момчето.
На попладневното гостување на телевизија Алфа, Мицкоски рече дека полициец дивјачки го привел момчето кое било учесник на протестот на опозицијата.
– Само покажуваат немоќ. Мислат дека затоа што имаат оружје, ќе успеат во насилството врз своите граѓани – рече Мицкоски.
Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, реагираше дека полицијата го испровоцирала инцидентот.
– Од информациите што ги добив од лице место, од луѓето, од очевидците ми пренесоа дека еден наш учесник во собиров снимал и се сликал на самиот собир што ниту е кривично дело, ниту прекршок може да се санкционира затоа ова е само провокација од страна на полицијата, а нашите учесници мирно протестираат и целата работа беше координирана со МВР до овој момент додека се случи инцидентот – рече Сајкоски.