
Вчера бугарскиот министер за надворешни работи изјави дека бугарските позиции во овој спор се предвидливи и конзистентни. Тоа што е непредвидливо и неконзистентно и нема никаква транспарентност се позициите на Република Македонија, порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски од протестот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
– Потребно е граѓаните да знаат за што се преговара, политичката демагогија и флоскулите дека не се преговара за идентитетот и дека не се преговара за историјата или прашањата поврзани со националните малцинства, или прашањата поврзани со јазикот сме ги слушале и претходно. Слушавме дека нема да се преземат такви чекори во надворешната политика, но праксата на владата на СДСМ и ДУИ, посебно во тој однос е попустливост и откажување од тоа што се јавни декларирани заложби пред граѓаните на Република Македонија – рече Муцунски.
Тој додаде дека доколку т.н. патоказ инкорпорира позиции кои се прифатливи за нашите граѓани, доколку тој не и инкорпорира позициите на декларацијата од бугарското Собрание, тогаш веројатно не би требало да има страв од владата да каже за што точно се преговара во овој процес.
– ВМРО-ДПМНЕ повикува на одговорност, на се поголема национална свест и да не се дозволи ново национално понижување кое стана пракса. Затоа е овој протест, не само во Скопје туку и во други градови ширум Македонија, и во таа насока ќе продолжиме и следните денови.
Потпретседателот на партијата Владо Мисајловски порача дека блокадите се за да го кренат својот глас за тоа што се случува во позадина, за тоа што Заев и Бучковски го договараат и преговараат, а македонската јавност не знае ништо за тоа.
– Затоа сме ние тука на улиците да го кренеме гласот, да покаже што стои на масата, дали се преговара повторно за македонскиот идентитет, дали се преговара за нацијата, за културата за јазикот и каков е тој патока, договор или што и да е. Сите ние сме за Европската Унија, но има нешто што е поважно од се, а тоа Македонија, македонската држава, нацијата, граѓаните и се разбира идентитетот и јазикот. Затоа повикуваме, да не прават погребни чекори. Ако се транспарентна влада како што најавуваа нека излезат пред граѓаните да покажат што има во тој договор или патоказ – рече Мисајловски.