Свештеник на МПЦ-ОА тврди дека во вакцините има клетки од абортирани деца, Синодот се оградува

Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) соопшти дека го поддржува процесот за имунизација на населението, сметајќи го за потребен во надминувањето на кризата со коронавирусот.

Во таа насока, САС на МПЦ-ОА, како што се посочува, се оградува од изнесените лични ставови на свештеникот Стеван Здравевски од Преспанско-пелагониската епархија искажани околу сесветската пандемија од ковид-19, што не се во согласност со учењето и исповедањето на православната вера.

Од САС апелираат до верниот народ, свештенството и монаштвото, да не бидат воведени во заблуда од ваквите погрешни ставови, внимавајќи и на пројавената намера за создавање култ од нечија личност.

„Се препорачува на епархискиот архијереј да ги има предвид изјавите и повиците на споменатиот свештеник и да постапи согласно на своите надлежности“, стои во соопштението од Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија.

Свештеникот Стеван Здравевски, пак, им порача на верниците да не се вакцинираат, оти, како што вели, во вакцините против ковид-19 има клетки од абортирани деца.

– На оние што мене ми веруваат, на моите духовни чеда јас им препорачувам да не се вакцинираат. Ќе почекаме едно 10-15 години да видиме како ќе поминат тие што се вакцинираа па ќе видиме. Секој има право, како тие што примија вакцина и јавно тоа го покажаа велејќи дека не ги плаши, мене ме плаши. Во вакцините има клетки од абортирани дечиња. Црквата е против абортусот и ако мислиме само на нашиот живот и се вакцинираме, а за тоа пострадале невини суштества во утробата на својата мајка и тоа не по нивна воља туку по воља на некој друг. И сега тие се жртва за ние да се вакцинираме и да примиме здравје. Јас сум против тоа. И секој што се вакцинира го прифаќа и одобрува абортусот. Тоа е една од причините, а ги има многу. Друга причина е што тие што повикуваа на намалување на населението, сега гледаме како вложуваат во вакцините – истакна Здравевски за Сител.

Здравески e познат во јавноста по тоа што доби казна од државата поради непочитување на препораките за заштита од пандемија и фрлањето на крстот за празникот Богојавление.