
Дождот што го зафати центарот на Скопје не ги откажа денешните блокади на ВМРО-ДПМНЕ на раскрсниците кај градската болница „Св. Наум Охридски“, кај зградата на НИП „Нова Македонија“ и кај Трговскиот центар „Мавровка“.
Исто како и вчера, опозициската партија и денеска, во периодот од 15 до 17 часот, со автомобили блокира три од најфреквентните крстосници во главниот град, а протестот е под мото „Доста е, излези за Македонија“. Блокадите, како што велат, се против новиот обид за продажба на националните и државните интереси од страна на Зоран Заев и Владо Бучковски.
Освен во Скопје, партијата организира блокади во уште девет града: Штип, Велес, Кочани, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Охрид, Битола и Кичево.