Ангел Димитров, шеф на бугарскиот тим во заедничката Мешовита комисија за историјата изрази разочарување по дводневната средба со македонските колеги од Мешовитата комисија, пренесе БГНЕС.
– Досега бев убеден дека, и покрај сериозните проблеми, и покрај темелните разлики што постојат меѓу нас и нашите колеги од Скопје, ние сме Мешовита комисија за историски и образовни прашања, но од денешниот 14-ти состанок, почнувам да се прашувам дали навистина е така. Вчера, нашите колеги категорично одбија да водат некој конкретен разговор на одредена историска тема, нешто што е неизбежно за професионалните историчари – изјавил тој по средбата.
Димитров оценил дека е тешко да се постигне разбирање за Гоце Делчев, рекол дека летово Мешовитата комисија за историски прашања нема да има нов состанок и следната средба ја најавил за октомври.
МИА јави дека од македонска страна на денешната средба на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, беа дадени предлози засновани на современите разбирања за историското образование поддржани од Советот на Европа и УНЕСКО, во кои се уважуваат различните погледи и толкувања за минатото и кои се покажале како применливи во надминување на спорови што произлегуваат од различното толкување на минатото.
Од бугарска страна тие предлози беа одбиени како неприфатливи и неприменливи, брифираат за МИА од македонскиот тим на Комисијата.