
Разговорите на последната дводневна средба на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, заглавиле околу учебниците по историја за 7-мо одделение, вели првиот човек во македонскиот тим, Драги Ѓоргиев.
-Дебатата е за средниот век, односно за претставувањето на државата на Цар Самуил во македонските учебници. Досега постигнавме договор за заедничкото чествување на царот, но втор сегмент е работата на учебниците. Не можеме да прифатиме да се претстави таа држава како единствен и директен наследник на бугарското царство – потенцира Ѓоргиев.
Според нео отсекогаш имало политизирање на историјата или историцизирање на политиката на Балканот и тоа е еден од големите недостатоци на нашите историографии, па дури и во учебниците по историја отсекогаш определени личности и настани од минатото се митологизираат. Се прават митови од нив кои потоа се злоупотребуваат политички.
-Нашата цел како Комисија е токму тоа – да се избегне злоупотребата на историјата во политички цели, бидејќи на Балканот отсекогаш се правело тоа. Нашата цел е во правењето на препораки за подобрување на учебниците да се дадат препораки кои ќе го сведат на нула политизирањето на одредени личности, митологиозирањето, кои потоа се користат во дневно-политички цели – истакна Ѓоргиев.