Бајден ја поздрави новата израелска влада

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во неделата дека Соединетите држави и натаму се посветени на израелската безбедност и дека ќе соработуваат со новата израелска влада, којашто се доживува како крај на ерата на најдолговечниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во изјавата Бајден ја поздрави новата израелска владејачка коалиција којашто ја предводи десничарската партија Јамина на националистот Нафтали Бенет инаки поранешен министер за одбрана во една до владите на Бенјамин Нетанјаху, и ги потврди добрите американско-израелски односи.

„Се радувам на соработката со премиерот Бенет за да се зајакнат сите спекти на блиските и трајни односи меѓу двете нации. Израел нема подобар пријател од Соединетите држави“, рече Бајден.

„САД и натаму се решителни во својата поддршка за израелската безбедност. Мојата администрација во целост е посветена на соработката со новата израелска влада со цел да се поттикнуваат безбедноста, стабилноста и мирот за Израелците, Палестинците и народите во поширокиот регион“, додаде американскиот претедател.

Американските министри за одбрана и за надворешни работи, Лојд Остин односно Ентони Блинкен, исто така, објавија соопштенија во коишто ги поздравуваат своите колеги во новата израелска влада.

Владата на Бенет беше потврдена во израелскиот Кенсет претходно неделата со само еден глас повеќе. Станува збор за коалиција на левичарски, центристички, десничарски и арапски партии и се претпоставува дека ќе биде кревка. Нетанјаху, пак, вети дека набрзо ќе се врати на власт.