
Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе ги вложи напори во среда да биде во Скопје и да се обрати пред пратениците и членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието. Тој во пораката на Фејзбук побара Антонио Милошоски, претседател на Комисијата да ја закаже седницата.
– Ќе ги вложам сите напори да ја прекинам тековната дипломатска офанзива за во среда на неколку часа да бидам во Скопје за да се обратам пред пратениците и членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието. Очекувам најмалку со иста ревносност претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, да ја закаже и седницата на која ќе ги претстават тезите и избраните амбасадори, со што ќе се отвори патот за нивно упатување во земјите на покривање – напиша Османи во постот.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски денеска соопшти дека за среда во 15.00 часот ќе закаже седница на Комисијата и ќе го повика министерот Османи да ги претстави предлог Акцискиот план и предлог-патоказот за кои премиерот Зоран Заев и специјалниот пратеник Владо Бучковски преговараат со Софија.