Над 600.000 починати од Covid-19 во САД

Повеќе од 600.000 луѓе починале како последици од компликациите кои ги предизвикува новиот коронавирус во САД од избувнувањето на епидемијата, покажуваат податоците од вторникот на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, што потсетува дека сѐ уште стотици Американци секојдневно умираат од коронавирусната болест Covid-19 и покрај силно промовираната и поттикнувана кампања на вакцинирање.

Овој црн показател, како што рече американскиот претседател Џо Бајден, се појавува во периодот кога САД повторно се „отвораат“.

Речиси сите рестрикции се укинати во вторникот во Калифорнија, сојузната држава со најголем број жители. Во државата Њујорк 70 отсто од возрасните жители примиле барем една доза од вакцината, па и таму гувернерот прогласи укинување на последните рестрикции. Тоа е особено симболично, бидејќи и метрополата Њујорк и истоимената држава беа првите и долг период жаришта на епидемијата на коронавирусот во САД.

Соединетите држави се земјата со далеку најголем број заразени и починати од коронавирусот, покажуваат официјалните резултати кои ги објавуваат властите ширум светот, пред Бразил и Индија.

Кампањата за вакцинирање се спроведуваше забрзано од декември кога беа одобрени првите вакцини и кулминираше во април, кога беа аплицирани и по над 4 милиони вакцини дневно. Но потоа ритамот на масовната имунизација значително ослабе, па болеста и натаму претставува закана за невакцинираните.

Малку повеќе од 52 отсто од вкупното американското население, или 174 милиони луѓе, примиле барем една доза од три вакцини против Covid-19 одобрени во САД, објавија здравствените власти.

Претседателот Џо Бајден изјави дека сака 70 отсто од возрасните да примат барем една доза од вакцината до 4-ти јули, националниот празник Денот на независноста. Но овој план би можело да биде промашен за неколку процентни поени, бидејќи малку повеќе од 64 отсто од возрасните досега поримиле барем една доза од вакцината.